Еуро Никел стави крај на црната низа – го совлада новајлија Феникс 2010

Еуро Никел стави крај на серијата од пеѕ порази во низа откако славеше на домашен терен со 88-78 над новајлијата Феникс 2010. Домаќините стекнаа висока предност уште на отварањето на натпреварот, одолеаја на налетот на гостите во второто полувреме и стигнаа до многу значајна победа.

Еуро Никел успеа да го наметне своето темпо на отварањето на натпреварот. Кавадарчани добро ја користеа висината во рекетот за лесни поени, а шутот не беше во полза на гостите па по првата четвртина на семафорот стоеше резултат 30-15. Феникс 2010 до полувремето успеа да ја зацврсти одбраната и да најде решение во напад па со тоа и да ја намали предноста на противникот која сепак на полувремето остана двоцифрена (45-34).

Агресивната одбрана на скопскиот состав продолжи да биде фактор на натпреварот. Гостите го сопреа протокот на топката на Еуро Никел, а на крилјата на Џоунс и Морган успеаја и да стигнат до едноцифрена негатива (65-56) пред одлучувачките десет минути. Сепак искусниот каваадаречки тим во вистинско време ги консолидираше своите редови и со серија на тројки се искачи на предност од 82-61. Гостите пробаа да се вратат во игра со агресивната одбрана по цел терен, но успеаја само да го ублажат поразот.

Обрад Томиќ беше предводник на домаќините со 23 поени и 13 скока, а него го следеа Соколов со 18 поени и 5 асистенции и Димчевски со 17 поени. Двејн Морган беше најрасполошен кај гостите со 24 поени и 11 скока, Џоунс додаде 19 поени, а како двоцифрени со 13 поени, односно 10 мечот го завршија и Хот и Митревски.

Се вчитува...