Еурофарм Пелистер 2 го најде лекот за Пролет

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ја забележаа и третата победа во низа во Супер-лигата, нанесувајќи му го првиот овосезонски пораз на составот на Пролет (29-22). Битолчани беа подобар противник на овој прв меч од четвртото коло, резултатски се одлепија пред крајот на првото полувреме и потоа успеаја да ја задржат предноста до самиот крај.

Гостите од Скопје подобро го отворија мечот и поведоа со 3-5,, но откако Кузманоски и Атанасијевиќ добија поддршка од соиграчите во нападот домашниот состав најпрвин стигна до израмнување, а потоа и до предност. Пролет се врати и израмни на 8-8, но потоа следеа шест минути во кои остите не постигнаа погодок, а битолскиот состав со серија од 4-0 успеа резултатски да се одлепи.

На одмор се замина со водство на Еурофарм Пелистер 2 од 13-10, за битолчани потоа одлично да го отворат и вториот дел и да поведат со 15-10. Гостите во неколку ситуации намалија до „минус три“, но избраниците на тренерот Јовиќ повторно влегоа во серија и поведоа со 25-19, принудувајќи го гостинскиот стратег на тајмаут и решавајќи го прашањето на победникот. Составот на Еурофарм Пелистер 2 до крајот уште повеќе ја зголеми предноста, за заслужена победа изразена со конечни 29-22.

Македонскиот репрезентативец Цветан Кузманоски со осум погодоци беше главна фигура на овој натпревар, шест за победничкиот тим постигна Павле Атанасијевиќ, додека Пецаковски со пет гола беше прв стрелец во таборот на Пролет.

Се вчитува...