Еурофарм Пелистер 2 со гол во последната секунда до реми со Тиквеш

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 извлекоа реми (25-25) на дуелот со Тиквеш во 7. коло од плеј-оф разигрувањето во Суперлигата на домашен терен.

Во крајно израмнет натпревар во кој двете екипи заминаа изедначени (11-11) и на полувремето, Тиквеш беше до победа, но битолчани со голот од пенал на Талевски на една секунда пред крајот успеаја да стигнат до заслужено реми од 25-25.

Еурофарм Пелистер 2 на тој начин остана на четвртата позиција во Суперлигата, со два бода предност во однос на кавадарчани.

Во плеј-аут лигата, ракометарите на Пролет продолжуваат со победите славејќи со 31-32 на гостувањето во Струга. Ракометарите на Прилеп, пак, го победија Скопје со 29-25 на домашен терен. Пролет во драматичен финиш славеше над стружани со двата гола што во последните две минути ги постигна пивотот Аларов, кој го заврши мечот со пет постигнати погодоци. Исто колку него имаа и Андоновски и Џонов за гостинскиот состав, додека во редовите на Струга најефикасен беше Барјактаревиќ со седум погодоци.

Пролет е убедлив на врвот во плеј-аут лигата со пет победи од исто толку натпревари, пред Струга која е со две победи, реми и два порази на второто место.

Се вчитува...