Еурофарм Пелистер 2 со одличен финиш го освои Радовиш

Вториот тим на Еурофарм Пелистер продолжува со импресивни резултати на домашната сцена, откако тимот на Александар Јовиќ стигна до нови бодови, овојпат на гостински терен против Радовиш со резултат 24-29.

Охрабрени по големиот триумф над Вардар во минатото коло, младите „фармацевти“ се соочија со проблеми против радовишани, меч на кој 45 минути бркаа негатива, но на крајот сепак успеаја да стигнат до цел плен. Еурофарм Пелистер 2 само за момент имаше водство од 2-3, следеше серија на домаќините од четири гола, по што Радовиш имаше предност до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со минимални 14-13.

Предноста на домашниот тим беше одржувана до средината на второто полувреме, кога по 19-17 за Радовиш следеше најпрвин израмнување, а потоа и целосен пресврт. Одбраната на битолчани беше на највисоко ниво кога беше најзначајно, Радовиш се мачеше да го најде патот до голот, па Еурофарм Пелистер 2 на крајот заслужено славеше со конечни 24-29.

Павле Атанасијевиќ и Павле Петровиќ со по седум гола беа најзаслужни за оваа победа на битолскиот суперлигаш, додека кај Радовиш први стрелци беа Трајанов и Вујниќ со по пет погодоци.

Се вчитува...