Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер вечерва на домашен терен ќе го пречека големиот фаворит Фуксе Берлин во натпревар од 4. коло во новата сезона од Лигата на Европа.
Тренерот на „пелистерци“ Ларс Валтер вели дека иако имаат многу проблеми, во Битола е можно секакво чудо.
„Имаме многу проблеми во овој момент. Суси само што се оперираше, Руди чека на операција и дава 200% од себе. Чувствува болка, но уште игра. Хосни е надвор од тимот, Костески против Радовиш не настапи, Себастијан Хенеберг е пак со нас по една недела болест. Не знам колку од овие момци ќе играат во вторник. Ни треба поддршка, затоа што ќе биде тешко. Ќе дадеме што имаме и верувам дека со помошта на луѓето во Битола ќе бидеме достојнi. Ќе биде многу тешко, Фуксе Берлин е број еден во Бундеслигата, брз тим се. Играа во неделата и можеби нема да бидат во полна сила. Два дена по нашиот натпревар имаат натпревар со Рајн Некар Левен. Можеби тука е нашата шанса. Можеби 10% ќе бидат послаби, ќе бидат уморни, ќе мислат на следниот натпревар. Ние треба да го дадеме најдоброто од нас, да одиграме шеесет минути и ако го направиме тоа – можеби ќе извлечеме нешто. Во оваа сала сè е можно“, изјави Валтер.
Слично размислува и пикерот, Жарко Пешевски…
„По кратка пауза ни доаѓа еден екстремно силен тим од Бундеслигата. Фуксе Берлин оваа година е конкурент за освојување на шампионатот на Германија и конкурент за трофејот од Европската лига. Се подготвуваме максимално, ваков натпревар се игра пред полни трибини и тоа е мотив плус за нас. Имаме проблеми со повредени ракометари, но во вторник ќе се консолидираме и ќе го дадеме најдоброто од себе.
Фуксе Берлин е склоп на ѕвезди, германски репрезентативци и интернационалци. Мислам дека се конкуренти за сите титули, играат брз ракомет, имаат одлична одбрана, потпомогнати со добри голмани. Тука е Милосављев, кој мислам дека две години е најдобар голман во Бундеслигата. Тие се сериозна екипа и треба и ние да сме подготвени, да имаме среќен ден и поддршка од публиката. Така може да ја израдуваме битолската публика и да направиме чекор напред во групата.
Секој натпревар е ново докажување, нова шанса за одличен натпревар. Имаат густ распоред, играат секој втор ден, патуваат… Во Битола нема натпревар без притисок, така ќе биде и во вторник, но со мирна глава и добра подготовка имаме наша шанса“, изјави Пешевски.
Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан со почеток во 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА