Еурофарм Пелистер е „бронзен“ во СЕХА

Еурофарм Пелистер го освојува третото место во СЕХА-лигата за оваа сезона откако битолчани во денешното „мало финале“ на Ф4 во Задар го совладаа Нексе со резултат 23-27. Голманот Лесјак беше фантастичен на голот на „пелистерци“, трасирајќи го патот кон триумфот над незгодниот хрватски состав, кој денеска мораше да му честита на поквалитетниот состав на теренот.

Почетокот на натпреварот мина во знакот на Нексе, откако хрватските ракометари рано поведоа со 2-0, одржувајќи ја предноста од „плус два“ во почетните 17 минути (4-2, 5-3, 6-4, 7-5). Во вистински момент за Еурофарм Пелистер се разбрани Лесјак, кој само во првото полувреме имаше три одбранети седмерци на противничките ракометари. „Пелистерци“ ја искористија добрата форма на својот голман за да го свртат резултатот во своја полза, па со седмерецот на Хосни во 22. минута македонскиот вицепрвак дојде и до првото водство на мечот (7-8). Битолчани потоа во неколку наврати имаа и два гола предност (7-9, 8-10, 9-11), но падот на концентрацијата во завршницата од полувремето придонесе Еурофарм да ја загуби оваа позитива, па на одмор да замине со еден гол заостанување по погодокот што со звукот на сирената го постигна Велкаврх.

Македонскиот претставник на овој фајналфор одлично го почна второто полувреме, па со головите на Пешевски и на Танкоски „пелистерци“ успеаја да поведат и со три гола предност (15-18, 16-19). Позитивата стигна и до четири погодоци, а одбраната на чело со Лесјак придонесе оваа предност да биде задржана и до девет минути до крајот, пред тренерот Валтер да побара тајмаут. Пешевски погоди за прво водство од пет погодоци (19-24). Нексе се приближи на 22-25, но Валтер зеде нов тајмаут, ја консолидираше играта на својот тим, по што Хосни постигна прекрасни погодок за осигурување на победата, на крајот изразена со конечни 23-27.

Хосни со шест гола беше најефикасен кај Еурофарм Пелистер, еден помалку постигна капитенот Радовиќ, додека Пешевски го заврши мечот со четири погодоци, а Лесјак имаше 12 успешни интервенции.

Се вчитува...