Еурофарм Пелистер го декласираше Пролет

Еурофарм Пелистер повторно е рамо до рамо со Вардар на врвот на Супер-лигата откако битолскиот клуб вечерва го декласираше составот на Пролет со преубедливи 38-22. Ракометарите на Пролет пристигнаа од Скопје со одличен скор од седум победи и два порази во првите девет кола од шампионатот, но наместо достоен отпор избраниците на Бошковски капитулираа пред битолските „фармацевти“, кои ја демонстрираа својата моќ на домашната сцена, како дел од подготовките за наредните европски предизвици.

Прашањето на победникот беше решено уште во првите десет минути, во кои гостинските ракометари не постигнаа ниту еден погодок, а Еурофарм Пелистер набрзина поведе со 7-0. Пецаковски го постигна првиот гол за Пролет за намалување на 7-1, но гостите во ниту еден момент не беа дораснат противник за избраниците на Жељко Бабиќ, кои одиграа беспрекорен меч. На полувреме се замина со убедлива предност на битолчани од 21-7, а Еурофарм Пелистер потоа го почна и вториот дел до серија од три гола. Домаќините продолжија со импресивна игра до крајот на мечот, триумфирајќи со конечни 38-22.

Дури тринаесет различни ракометари на домашниот тим се запишаа меѓу стрелците на денешниот меч, од кои најефикасни беа Костески со шест и Ојлески и Табоада со по пет погодоци. Во таборот на Пролет прв стрелец во овој пораз беше Доне Мајнов со шест гола.

Се вчитува...