Еурофарм Пелистер го „сомле“ Металург среде Скопје

Ракометарите на Еурофарм Пелистер максимално ја оправдаа фаворитската улога во 9. коло од Суперлигата, триумфирајќи повеќе од убедливо со 25-38 против Металург на гостувањето во Скопје.

Уште од самиот почеток на натпреварот беше сосема јасно кој е кој на дуелот. Гостите не оставија ниту најмал простор за било какво изненадување, па комплетно доминирајќи од самиот почеток веќе на полувремето кое го добија со 11-21 јасно дадоа до знаење кој ќе ја однесе победата. Секели беше одличен на голот во првиот дел, а Божиќ-Павлетиќ и Табоада беа одлични во нападот.

Во второто полувреме, само рутински се одржуваше и зголемуваше предноста. Во првите 15 минути од вториот дел Еурофарм Пелистер дојде и до дури 16 гола разлика (15-31), за на крајот и конечна победа од 25-38.

Маркоски, Маџовски и Божиќ-Павлетиќ постигнаа по пет гола кај Еурофарм Пелистер, додека Турчинот Озтурк со девет гола беше прв стрелец во редовите на Металург.

За Еурофарм ова е осма победа во деветтиот натпревар во најсилната домашна лига, додека Металург го запиша и шестиот пораз во деветтиот свој натпревар, останувајќи на осмото место со 9 бода.

Се вчитува...