Еурофарм Пелистер на поправен против Бидасоа Ирун

Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер вечерва против шпанска Бидасоа Ирун на домашен терен ќе има за задача да го поправи впечаток од минатонеделниот натпревар против истиот противник одигран во Шпанија.

„Пелистерци“ во шпанскиот град одиграа далеку под очекувањата и забележаа убедлив пораз од 32-20. Тренерот на „зелено-белите“, Ларс Валтер вели дека и покрај сите проблеми верува во победа…

„Се обидуваме да ја вратиме нашата препознатлива игра, бидејќи во последните 5-6 недели со сите повреди кои не снајдоа, играме поинаку, играме побавно. Имаме нов ракометар кој треба да го интегрираме и мора да се вратиме на нивото на игра од почетокот на сезоната. Работата на вчерашниот тренинг изгледаше добро, Хосни добро тренираше и верувам дека ќе додадеме брзина во нашата игра. Разговаравме и како да ги решиме проблемите кои ни ги создаде Агинагалде на првиот натпревар. Не бевме добри на првиот натпревар, тој е многу добар во напад, но исто така и многу спор во одбрана. Мора тоа да го искористиме, а во Ирун не го направивме тоа. Тој детаљ е еден од клучните кој може да направи разлика. Сите веруваме во добар натпревар и победа. Се надевам дека ќе ја добиеме поддршката од нашите фанови, иако како игравме лошо на последниот натпревар, не ја заслуживме. Го знаеме тоа и сакаме да оставиме добар впечаток пред божиќната пауза и ќе дадеме се да ги освоиме бодовите“, смета Валтер.

Крилото Гоце Ојлески смета дека мора да го поправат впечатокот од мечот кој се одигра минатата седмица…

„Се подготвуваме, го анализираме претходниот натпревар кој го игравме во Шпанија, каде навистина одигравме лошо. Се надевам дека утре со нови сили, цел тим ќе даде максимум и ќе се израдуваме на победа на домашен терен. Очекувам да ја заокружиме оваа полусезона со победа. Бидасоа Ирун има искусни ракометари, како што е Агинагалде, играат шпански систем на ракомет, кој можеби не е толку атрактивен за гледање, но секој си ја знае работата, добро се воиграни и носи резултати. Верувам дека имаме свои шанси и се надевам на победа“, вели Ојлески. 

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Бидасоа Ирун кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за вечерва со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...