Еурофарм Пелистер не успеа: Веспрем е од друга планета за финале во СЕХА

Еурофарм Пелистер не успеа да приреди сензација откако битолчани го загубија вечерашното полуфинале од СЕХА-лигата, од унгарскиот гигант Веспрем со убедливи 27-41. „Зелено-белите“ немаа одговор за атомскиот напад на Веспрем, губејќи ја битката уште во првите 30 минути во кои во арената во Задар можеше да се проследи апсолутна доминација на избраниците на тренерот Илиќ.

Еурофарм Пелистер парираше само во почетните минути, одржувајќи „егал“ само до 5-5. Во овој период битолчани набрзина имаа и две исклучувања, а Веспрем знаеше како да го искористи тоа за да влезе во посакуваниот ритам. Дури и кога „пелистерци“ реализираа, противникот одговараше со лесни голови на спротивната страна, а кога македонскиот вицепрвак престана со головите, Веспрем за нешто повеќе од две минути поведе со 9-5. Валтер побара тајмаут, но тоа не вроди со плод, исто како и обидите „седум на шест“, бидејќи Унгарците со леснотија ја полнеа мрежата на Еурофарм Пелистер, постигнувајќи 24 гола само во првото полувреме (16-24 на одмор).

Унгарскиот гигант до првото двоцифрено водство стигна на самиот почеток од второто полувреме, кога крилото Ваилупов погоди за 17-27. Победникот веќе беше решен, двајцата тренери до крајот ги изротираа ракометарите на теренот, но предноста на противникот продолжува да расте и Веспрем на крајот славеше со конечни „плус четиринаесет“.

Хосни со шест гола беше најефикасен во таборот на Еурофарм Пелистер, по пет погодоци постигнаа Пешевски и Сери, додека главни фигури во победничкиот тим беа Ваилупов со осум и Нилсон, Штрлек и Јахија со по шест гола.

Битолчани в недела ќе учествуваат во мечот за третото место, во кој за противник ќе го имаат хрватскиот вицепрвак Нексе.

Се вчитува...