Еурофарм Пелистер остана без Хрватот – Кушан се пресели во Вецлар

Еурофарм Пелистер остана без многу значаен ракометар на самиот старт од сезоната откако пивотот Томислав Кушан се пресели во Бундес-лигата, каде ќе му биде соиграч на нашиот Филип Миркуловски во Вецлар.

Одличниот пивот беше еден од најважните играчи во тимот на тренерот Бабиќ, управата на Еурофарм Пелистер не сакаше да го продаде, но германскиот клуб ја активираше клаузулата за раскин плаќајќи ја сумата наведена за заминување на Кушан од Битола.

„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека бундеслигашот Вецлар ја плати откупната клаузула од договорот на ракометарот Томислав Кушан, кој беше обврзан на договор со нашиот клуб до јуни 2022 година. Ракометарот доби „зелено светло“ да замине во Германија на медицински прегледи и потпис на договорот со Вецлар. РК Еурофарм Пелистер му се заблагодарува на ракометарот Томислав Кушан за професионалноста во периодот во кој го носеше дресот на клубот и му посакува многу успех во понатамошната кариера. Исто така благодарност и до германскиот клуб за коректниот однос. Во периодот минат во Битола, Томислав Кушан го освои Суперкупот на Македонија и пак заигра за националната репрезентација на Хрватска“, потврдија од управата на Еурофарм Пелистер.

Се вчитува...