Еурофарм Пелистер по кратка постапка го реши и Тиквеш

Еурофарм Пелистер прокнижи нови бодови во суперлигашката конкуренција откако битолскиот тим лесно и убедливо славеше на домашен терен над Тиквеш со резултат 25-16. Како и на последните домашни натпревари, на избраниците на Жељко Бабиќ и денеска им беше доволно само едно полувреме за да го декласираат противникот и да си ја осигураат победата.

Кавадарчани денеска парираа само пет минути, откако имаа водство од 1-2, потоа Еурофарм поведе со 5-2, а откако Јанчев погоди за 5-3 следеше период од 14 минути во кои гостите не постигнаа ниту еден единствен гол. „Пелистерци“ издоминираа во овој дел од мечот, заслужено заминувајќи на одмор со двоцифрена предност (15-5). Второто полувреме мина во рутинско одржување на предноста на домашниот тим, одбраните беа подобар дел од играта и во двете екипи, па вечерашниот меч во „Боро Чурлевски“ заврши со заслужена победа на битолчани со 25-16.

Ненад Костески ги предводеше стрелците со осум гола за Еурофарм Пелистер, додека кај Тиквеш најефикасен беше Дрогришки со пет погодоци, сите пет постигнати во последните петнаесетина минути од мечот.

Се вчитува...