Еурофарм Пелистер победува на рутина во плејофот

Еурофарм Пелистер забележа нова победа, славејќи над Охрид со резултат 29-23, за трета радост во низа од стартот на ракометниот плејоф и чекор поблиску до големиот сон наречен шампионска титула. Битолските „фармацевти“ одиграа онолку колку што им беше доволно за да прокнижат бодови, чувајќи дел од силите за претстојниот реванш од Лигата на Европа против Нексе.

Само десетина минути им беа доволни на битолчани за првпат посериозно да се одлепат, кога предводени од Стипе Мандалиниќ стигнаа до брзо водство од 7-3. Предноста се зголемуваше до 10-5, потоа и 13-7, но гостите од Охрид пред крајот на полувремето успеаја за момент да се вратат, па на одмор да заминат со само три гола негатива (16-13). Гостинските ракометари зедоа залет и на стартот од вториот дел, за момент стигнаа и до израмнување од 20-20, но тоа беше се што охриѓани успеаја да сторат. Јосип Периќ, кој се врати по повредата, диригираше беспрекорно со нападите на „пелистерци“ во завршните петнаесетина минути, во кои фаворитот повторно се одлепи и на крајот триумфираше со 29-23.

Мандалиниќ со пет гола беше прв стрелец на победничкиот состав, по четири постигнаа Костески и Граџан, додека во таборот на охриѓани најефикасни беа Николов со шест и Кривокапиќ и Ивановски со по пет погодоци.

Се вчитува...