Еурофарм Пелистер сам одлучува за својата судбина во Лигата на Европа

Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер вечерва на домашен терен ќе го пречека португалскиот Агуаш Санташ во натпревар од 8. коло во второто по ранг европско натпреварување, Лигата на Европа.

Со победа на овој натпревар „пелистерци“ најверојатно ќе обезбедат и втора сезона по ред место во нокаут фазата во второто по ранг европско натпреварување.

Тренерот на битолчани, Ларс Валтер убеден е дека неговите ракометари ќе го добијат овој меч…

„Како што реков претходно, напорно работиме да го пронајдеме вистинскиот ритам. Мислам дека ја подобривме одбраната и подобри сме и во нападот. Верувам дека по натпреварот ќе можам да кажам дека сме на вистински пат. Суси напорно работи, но веројатно нема да игра. Велковски со крупни чекори напредува, од ден на ден е подобар и блиску е до комплетно враќање. Подготвен е да ни помогне и среќен сум за неговиот напредок. Каспер Кисум е добар играч, но му треба малку време да се навикне на нашиот систем. Треба да му олесниме да се прилагоди. Се работи за одличен играч и многу ќе ни помогне во текот на сезоната. Ако го гледавте натпреварот Агуаш Сантос – Бидасоа Ирун, сигурно забележавте дека Шпанците имаа проблеми, бидејќи доцна им се приклучија многу репрезентативци по Светското првенство. Сличен случај како нашиот. Го губите ритамот во такви случаи и Бидасоа не можеше да влезе во ритам и изгледаа по малку загубено. Агуаш Санташ е истата екипа, може да очекуваме сличен натпревар како во Португалија. Се работи за брза екипа, која се познава меѓусебе и нема да биде лесно против нив. Сепак, убеден сум дека сме подготвени“, вели Валтер.

Слично размислува и пикерот, Жарко Пешевски…

„По подолго време се враќаме во нашиот спортски храм. Имавме тешки натпревати во гости, блиску бевме до подвиг на дел од тие натпревари, но малку и среќата ни го сврте грбот. Без среќа во спортот не може и треба овие натпревари да ни бидат поука како да се подобриме. Агуаш Санташ ме изненади со победата против Бидасоа Ирун, но оваа екипа има квалитет и игра подобро отколку во првиот дел на сезоната. Во Португалија по макотрпна борба ги освоивме бодовите. Спремни сме и, со поддршка од битолската публика, верувам дека ќе се радуваме.

Влегуваме во најважната фаза на сезоната, немаме веќе право на лош ден. Дојдовме тука да покажеме дека заслужуваме да го носиме овој дрес и да гинеме на сите фронтови. Утре е денот Д и со евентуална победа ќе го осигураме местото во Европската лига. Покажавме и против Бутел дека оваа екипа има карактер, дека не играат само имиња. За добар натпревар мора да играш тимски за да дојдеш до бодовите. Ќе биде интересен пролетен дел од сезоната и ќе го покажеме вистинското лице“, вели Пешевски.

Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...