Еурофарм Пелистер со понуда за Пешевски!

Еурофарм Пелистер не ја крие желбата да донесе квалитетни домашни засилувања за наредната сезона, а на врвот на листата со желби од актуелните македонски репрезентативци се наоѓа Жарко Пешевски. Големиот борец ги игра последните натпревари во дресот на Штутгарт, веќе е најавено дека нема да потпише нов договор со овој германски прволигаш, а челниците на Пелистер се сериозно заинтересирани да го вратат назад на македонската ракометна сцена.

„Пелистерци“ ги очекува целосен ремонт на тимот во текот на летово, а кога станува збор за пивотменската позиција, извесно е заминувањето на репрезентативецот Никола Маркоски, најверојтно во РК Алкалоид, но и на Граџан, кој вообичаено беше прва опција во нападот. Јасно е дека со Пешевски во тимот битолчани би добиле сериозно офанзивно оружје, понудата за ЕКИПА ја потврдија и од раководството на Еурофарм Пелистер, но одличниот пивот најверојатно ќе почека до крајот на сезонава пред да донесе конечна одлука.

Битолчани веќе договорија еден пивот за наредната сезона, рускиот репрезентативец Денис Василев, но тоа не значи и откажување од намерата за потпис со Пешевски. Покрај Василев, „пелистерци“ потпишаа договори и со словенечкиот голман Лесјак, тунискиот бек, Хосни, потоа и со Португалецот Дејвис и Французинот Сери. Веќе е договорена и преселбата на најмалку двајца ракометари од Еурофарм Пелистер 2, перспективните Павле Атанасијевиќ и Цветан Кузманоски, а не се исклучува можноста и бројот на млади играчи од „двојката“ во првиот тим дополнително да се зголеми.

Се вчитува...