Еурофарм Пелистер со успешен „тренинг“ против Радовиш

Еурофарм Пелистер забележа нова победа во ракометната Супер-лига на Македонија, славејќи на дуелот против Радовиш со убедливи 36-23. Радовиш „на хартија“ важеше за домаќин на мечот, но поради промената на домаќинствата во првиот дуел меѓу овие екипи вечерашниот натпревар се играше во СЦ „Боро Чурлевски“ во Битола.

„Пелистерци“ очекувано немаа никакви проблеми да стигнат до триумф, поведувајќи експресно со 2-7, а потоа зголемувајќи ја предноста како што течеше играта во првото полувреме. Првото двоцифрено водство битолчани го имаа уште во првото полувреме кога стигнаа до 17-7, за на одмор да заминат со предност од 20-12. Тренерот Валтер им даде шанса на сите ракометари, тоа се одрази темпото на фаворитот малку да опадне, но битолчани на крајот сепак стигнаа до двоцифрен триумф, изразен со конечните „плус тринаесет“.

Стоилевски со седум и Пешевски со шест погодоци ги предводеа стрелците во таборот на Еурофарм Пелистер, додека кај Радовиш најефикасни беа Вјештица и Органџиев со по шест гола.

Се вчитува...