Еурофарм Пелистер тргнува по триото на Металург

Еурофарм Пелистер неодамна ја забележа првата европска победа, но раководството на амбициозниот битолски суперлигаш не се откажува од намерата да го засили играчкиот кадар пред почетокот на домашниот плејоф и битките со Вардар за титулата во македонското првенство. ЕКИПА дознава дека листата со потенцијални засилувања е веќе составена, а на неа се наоѓаат и тројца ракометари кои моментно настапуваат за Металург, крилата Милан Поповиќ и Златко Хорват и пивотот Бранко Канкараш.

„Јавна тајна“ е дека Металург повторно е во финансиска криза, впрочем тоа беше и причината што при своето заминување ја обелодени тренерот Зоран Кастратовиќ, па управата на клубот од „Автокоманда“ ќе мора час поскоро да се консолидира за да ги задржи своите ракометари. Хорват беше убедливо најзвучно засилување за „металурзите“ минатото лето, Канкараш важи за одличен пивот, а Поповиќ токму од Пелистер пристигна во Металург и се наметна како супер-оружје во нападот на клубот од Автокоманда. Тројцата ракометари се уште се под договори со Металург, но „пелистерци“ будно ја следат ситуацијата решени да реагираат и да се обидат повторно да ја искористат кризата на ривалот.

Само за потсетување, битолчани (тогаш под името Работник) успеаја да го доведат Филип Кузмановски од Металург, со што репрезентативниот бек им помогна да стигнат до второто место и пласман во СЕХА-лигата пред да се пресели во Магдебург. Потоа следеше и сагата со Марио Танкоски, уште еден играч кој инсистираше на преселба во Битола. Тој бараше раскин на договорот, не го доби, па почека една година, ја одработе последната сезона во дресот на Металург, па потоа по истекот на договорот потпиша за Еурофарм Пелистер.

Се вчитува...