Еурофарм Пелистер во второто полувреме го растури Тиквеш

Триумфалната серија на Еурофарм Пелистер во Супер-лигата продолжи со денешното гостување во Кавадарци, каде битолчани славеа со убедливи 20-30. Пресудно се покажа второто полувреме во кое актуелниот вицепрвак целосно го надигра мотивираниот домаќин, на крајот стигнувајќи до двоцифрена победа.

Тиквеш беше подобар ривал во голем дел од првото полувреме, во кое избраниците на тренерот Брестовац имаа контрола над резултатот. „Пелистерци“ за првпат поведоа пред крајот на полувремето, со 10-11, а на одмор заминаа со минимални 12-13 по погодокот што го постигна репрезентативецот Жарко Пешевски. Битолчани потоа го отворија вториот дел со пет постигнати и само два примени погодоци, успевајќи резултатски да се одлепат и потоа да ја зголемуваат предноста како што одминуваше времето, се до конечните „плус десет“.

Данецот Хенеберг со пет гола ги предводеше стрелците на победничкиот тим, по четири погодоци постигнаа Кузманоски, Ѓоргоски, Пешевски и Костески, додека најефикасен во таборот на Тиквеш беше Страхиња Симиќ со четири погодоци.

Се вчитува...