Еурофарм Пелистер за 11 минути го потопи Металург, реми на скопската битка за Европа

Еурофарм Пелистер и Вардар ја продолжуваат трката за титулата во ракометниот плејоф откако и во денешното 12. коло забележаа рутински победи. Барем на хартија потешка задача требаше да имаат ракометарите на Еурофарм, но тие уште во првото полувреме го решија прашањето на победникот против Металург, триумфирајќи со убедливи 34-24. Гостите од Скопје парираа 19 минути, но потоа од минималните 10-9 следеше серија од осум гола на Еурофарм, за на одмор да се замине со водство на избраниците на Бабиќ од 18-10. Второто полувреме беше само рутина за домашните ракометари, кои лесно ја одржуваа убедливата предност се до конечните . Периќ повторно беше прв стрелец во победничкиот тим со девет погодоци, исто толку кај Металург постигна Калуѓеровиќ.

Вардар останува во пол-позиција во трката за титулата откако „црвено-црните“ славеа со 22-32 на гостувањето против ослабената Струга, која изминатата седмица остана без неколку стандардни првотимци. Алушовски одмори неколку првотимци, но оние кои добија шанса максимално ја оправдаа довербата предводени од Димитар Димитриоски со единаесет и Карапалевски со пет погодоци.

Пролет направи уште еден огромен чекор кон задржување на третото место во плејофот, ремизирајќи 26-26 на гостувањето против Бутел. Избраниците на Кастратовиќ имаа предност од два гола во финишот од мечот, на крајот Бутел стигна до бод, но ова реми му овозможува на Пролет да остане на „плус четири“ во однос на градскиот ривал и да си го осигура излезот во ракометна Европа во наредната сезона. Трифковиќ со шест гола најефикасен кај Бутел, пет постигна Младеновски, додека кај Тинекс Пролет најефикасни беа Пејовиќ и Потиќ со по шест гола, додека пет пат прецизен беше Пецаковски.

Охрид ја прекина серијата слаби резултати со победа над Еурофарм Пелистер 2 од 24-21. Пресудно беше првото полувреме што охриѓани го добија со 13-9, битолчани се приближија до 22-20, но младиот состав на тренерот Александар Јовиќ немаше сили за целосен камбек.

Се вчитува...