Еурофарм против Бидасоа Ирун се простува од Лигата на шампионите

Лидерот во групата, најсилниот тим во конкуренцијата, шпанската Бидасоа Ирун е противникот со кој македонскиот ракометен вицепрвак, Еурофарм Работник ќе го затвори настапот во дебитантската сезона од Лигата на шампините. Битолскиот тим одамна е без шанса за повисок пласман, извесно е дека групниот сегмент ќе го заврши на последната позиција, а денешната пресметка е шанса за достојно простување од елитното натпреварување.

„Последниот натпревар од Лигата на шампионите ни доаѓа по турбулентен период во клубот. Бидасоа Ирун покажа најмногу во групата и сметам дека заслужено е на лидерското место. Фаворитската улога е нивна. Сепак верувам дека ние ќе се издигнеме и со вложување на максимумот можеме да ги победиме“ – рече во најавата за натпреварот, капитенот на Еурофарм Работник, Гоце Ојлески

Еурофарм се наоѓа во турбулентен период со оглед на смената на тренерот Стевче Алушовски. Тимот денеска ќе го предводи неговиот помошник, Божидар Мојсов кој со ракометарите ќе се обиде да дојде до третата победа во Лигата на шампионите. Еурофарм досега собра само четири бода по деветте одиграни натпревари. Победи забележа против Савехоф и против Кокс.

Се вчитува...