Еурофарм Работник му дише во врат на Металург

Во првиот натпревар од денешната двојна суперлигашка програма во Битола, Еурофарм Работник го победи Пролет со 33-20, во натпреварот од 5.коло во разигрувањето за шампионската титула во македонското ракометно првенство.

За битолскиот тим ова е трета победа со која на средина од плеј-офот, се изедначи со Металург со 10 бода, зад Вардар кој е неприкосновен на лидерската позиција со максимално 15 бода.

Илија Темелковски со Еурофарм Работник брзо најде решение за својот поранешен клуб. Изедначено беше само на почетокот од мечот, до 3-3. После тоа следуваше серија на домаќините од 3-0 по која се одлепија и потоа останаа во позитива. На полувремето Еурофарм Работник имаше предност од 13-11.

Доминацијата на битолскиот тим продолжи и во второто полувреме. Пролет постигна еден, а Еурофарм Работник пет гола во серија, поведе со 18-15 што до крај беше недостижна разлика за гостите од Скопје. Во финишот на натпреварот битолчани стигнаа и до двоцифрена предност поведувајќи со 28-18 и до ркајот само рутински ја заверија победата.

Најефикасен во триумфот на Еурофарм Работник беше Гоце Ојлески со пет гола, Елмир Гаџан постигна пет, а четири погодоци запишаа Горан Кузманоски, Филип Чурлевски и Горан Крстески. Кај гостите лидер во нападот беше Ласко Андоновски со пет гола, еден помалку постигна Мартин Манасков.

Во вториот денешен дуел во Битола, последен од ова коло во плеј-офот, Пелистер го пречекува Охрид.

Се вчитува...