Еурофарм Работник со двоцифрена победа во европско деби во ЕХФ Купот

Еурофарм Работник своето европско деби го одбележа со победа против швајцарскиот Берн со 29-19 во првиот натпревар од третото квалификациско коло во ЕХФ Купот. Со овој триумф и со залихата од  10 гола пред реваншот во Швајцарија, битолскиот тим е чекор поблиску до пласман во групната фаза во ЕХФ Купот и продолжен настап на европската сцена.

Само десетина минути им беа доволни на „фармацевтите“ за да го скршат отпорот на швајцарскиот противник. Швајцарците го имаа почетното водство, а на другата страна изедначи Никола Марковски со првиот погодок за Еурофарм во европските купови.

Филип Кузмановски со погодокот од седмерец во 10.минута го донесе првото водство на 4-3, а Милан Ѓукиќ ја дополни серијата од 3-0 по која „фармацевтите“ прв пат дојдоа на +2.

Добро функционираше одбраната на Еурофарм Работник и не им остави многу простор на гостите да изградат позиција и да дојдат до реализација. Битолчани ја одржуваа предноста од два гола, а на десет минути пред крај на првиот дел ја искористија предноста со играч повеќе и успеаја да се одлепат на 12-6, а потоа и да го зголемат водството на 15-7 на крајот од полувремето.

Офанзивата на Еурофарм Работник продолжи и во вториот дел и по седум минути игра „фармацевтите“ ја зголемија предноста на +9 (19-10). А, со четвртиот гол на Филип Кузмановски во 42.минута домаќините стигнаа и до двоцифрена предност поведувајќи со 21-11.

Во последната четвртина, ракометарите на Берн со поагресивна одбрана се обидоа да го пресечат нападот на Еурофарм Работник и да ја намалат разликата. Но, македонскиот претставник одигра максимално мотивирано и ангажирано до крај и славеше убедлива победа со која се многу блиску до пласман во следната рунда.

Еурофарм Работиник во победата го предводеше Милан Токиќ со 11 гола, осум погодоци додаде Филип Кузмановски, а со четири гола заврши Горан Крстески. Во тимот на Берн најефикасен беше Матијас Герлис со пет гола.

Реваншот од овој дуел ќе се одигра на 25 ноември во Швајцарија, а поуспешната екипа во двомечот продолжува во групната фаза од ЕХФ Купот.

Се вчитува...