Еурофарм Работник во последните секунди испушти победа против Металург

Еурофарм Работник и Металург одиграа нерешено, 27-27 во натпреварот од 3.коло во суперлигашкиот плеј-оф и најавија неизвесна разврска во борбата вицешампионската титула. Битолчани во поголемиот дел беа во водство, но во неизвесната завршница испуштија победа, а Металург спаси бод со погодокот на Јагањац во последните секудни. За „металурзи“ ова е прво реми во годинашниот плеј-оф, по двете победи на стартот против Пролет и против Охрид во претходното коло. Еурофарм Работник пак во првите три натпревари има победа против Пелистер, пораз од Вардар и реми со Металург.

Во поголемиот дел од првото полувреме беше изедначено. Металурзи имаа 1-2 гола предност во првата четвртина, а потоа во последните десетина минути, домаќините ја презедоа иницијативата и поведоа со 12-10. На полувремето Еурофарм Работник имаше минимална предност од 12-11.

На истата позитива битолчани се вратија и по првите пет минути од вториот дел кога поведоа со 14-12 и ја одржуваа оваа предност во продолжението на натпреварот. Металург успеа да изедначи на 16-16, но домаќините брзо се вратија во водство. Одбраната на „металурзи“ во овој дел тешко успеваше да го задржи нивниот поранепен играч, Стефан Дрогришки кој го одржуваше Еурофарм Работник во водство. На стартот од последната четвртина домаќините дојдоа на три гола предност поведувајќи со 20-17.

Но, во последните пет минути одново беше неизвесно на теренот во салата „Младост“. Металург ја стопи предноста и дојде до ново изедначување на 25-25.  Еурофарм Работник ја искористи грешката на Металург и на две минути пред крај повторно имаше +2 (27-25). Сепак, металурзи во завршницата успеаја да спасат бод со изедначувачкиот гол на Јагањац во истекот на последните секунди за конечните 27-27.

Стефан Дрогришки со 10 гола беше најефикасне во составот на Еурофарм Работник, по четири погодоци постигнаа искусните бекови Горан Кузманоски и Михајло Петровски. Нападот на Металург го предводеа Филип Кузмановски со шест и Вања Илиќ и Халил Јагањац со по пет гола.

Се вчитува...