Еве зошто ПСЖ ја одби најновата понуда на Барса

Преговорите меѓу Барселона и ПСЖ за трансферот на Нејмар ќе продолжат во наредните денови откако францускиот првак ја одби и најновата понуда на каталонскиот гигант. ПСЖ инсистира на богата отштета, а откако беа отфрлени неколку варијанти со вклучување на фудбалери во понудата, Барса се реши за „план Б“.

Каталонците испратија понуда од 40 милиони евра за едногодишна позајмица со клаузула за задолжителен откуп на договорот следното лето за дополнителни 150 милиони евра.

Ова значи дека ПСЖ би добил вкупно 190 милиони евра за проблематичниот голгетер, но „светците“ без многу размислување ја одбиле понудата. Француските медиуми откриваат дека проблем не е вкупниот трансфер, туку фактот дека „светците“ не сакаат да ги чекаат парите 12 месеци. Поточно, на директорот Леонардо му е кажано дека нема нови пари за трансфери, туку евентуалните засилувања ќе мора да ги ангажира од сумата што ќе ја добие за Нејмар. Бразилецот е свесен дека со 40 милиони евра нема да може да доведе адекватна замена, па интересно ќе биде да се види како ќе се одвиваат работите во наредниот период.

Барса нема премногу адути освен да ја плати сумата што ПСЖ ја бара, особено ако се знае дека и Реал Мадрид и Јувентус имаат играчи кои се многу поинтересни за „светците“ од оние кои досега ги нудеше каталонскиот гигант.

Се вчитува...