Евертон бара нов тренер: Прв избор – Томас Тухел

Отказот врачен на Роналд Куман беше очекуван по слабите игри на стартот од сезонава, но сега пред челниците на Евертон е потешкиот дел од задачата – да најдат стратег што ќе ги исполни нивните очекувања во периодот што следи и ќе ги извлече „карамелите“ од тешката резултатска криза. Како што јавува весникот „Мирор“, прв „пик“ на Евертон во оваа потрага е германскиот стратег Томас Тухел, со кого во текот на денешниот ден и официјално ќе бидат стартувани разговори.

Според германските медиуми Тухел не е премногу загреан бидејќи се надева дека следното лето би седнал на клупата на Баерн, но тој е подготвен да се сретне со Евертон и да им даде шанса на челниците на англискиот премиерлигаш да го убедат да се пресели во Ливерпул.

Доколку „карамелите“ не успеат во својата намера, тогаш ќе се обидат да го привлечат Марко Силва, кој успева да го извлече максимумот од тимот на Ватфорд, а како опција се споменува и Шон Дајш од Барнли. Евертон ги демантираше гласините дека е можен камбек на Дејвид Мојес на „Гудисон парк“, а минимални шанси во оваа трка му се даваат на Рајан Гигс, кој јавно искажа интерес да го наследи Куман.

Се вчитува...