Евертон нема да го руши стариот стадион, на „Гудисон“ и натаму ќе се игра фудбал

„Гудисон Парк“, каде што машкиот тим на Евертон ќе го одигра својот последен домашен натпревар овој викенд пред да се пресели на својот нов стадион на Брамли-Мур Док, нема да биде срушен. Првичните планови на поранешните сопственици беа да го срушат објектот и на негово место да изградат комплекс што ќе вклучува станбени објекти, дом за стари лица, комерцијален простор и парк.

Откако „Фридкин Груп“ купи мнозински удел во декември, клубот спроведе анкета меѓу навивачите за иднината на „Гудисон Парк“. Денес, клубот ја објави добрата вест за навивачите дека стадионот нема да се сруши, а женскиот тим на „карамелите“ ќе игра таму. Со капацитет од 39.572 гледачи, тоа ќе биде најголемиот стадион наменет за женски фудбал во Англија.

„Оваа долгорочна визија ја одразува посветеноста на клубот да инвестира во женскиот фудбал и да обезбеди „Гудисон Парк“ да продолжи да игра витална улога и за фудбалот и за заедницата“, соопштија од фудбалскиот клуб Евертон.

Се вчитува...