Евробаскет 2021 одложен за една година!

Европскиот шампионат во кошарка што требаше да се одржи во 2021 година е одложен за една година, беше одлучено на денешниот состанок на Извршниот Комитет на ФИБА.

Светската куќа на кошарката ги помести сите натпреварувања под нејзина организација, откако сите настани што беа закажани за летово беа откажани поради опасност од дополнително ширење на коронавирусот. Со одложувањето на ОИ во Токио, кои ќе почнат на 23 јули и ќе завршат на 8 август, ФИБА објави дека квалификациските турнири за последните билети од овој шампионат ќе се одржат од 22 јуни до 4 јули.

За нас најважно е сепак поместувањето на Евробаскет 2021, со оглед на фактот дека Македонија е дел од квалификациите за овој шампионат. „Црвено-жолтите“ го почнаа циклусот со два порази, од Естонија и од Русија, но се уште имаат шанса за враќање на елитната европска кошаркарска сцена. Засега нема најава за промена на термините на квалификациските средби, што значи дека македонските кошаркари ги очекуваат новите предизвици во текот на месец ноември.

Ако стигнат до едно од првите три места во групата, македонските кошаркари би биле дел од Евробаскет 2022, што ќе се одржи од 1 до 18 септември 2022 година.

Се вчитува...