Евролига: Хигинс во последната секунда ја одведе Барселона во финалето

Барселона е вториот патник во финалето од Ф4 турнирот на Евролигата откако каталонскиот тим во полуфиналето славеше над Олимпија Милано со 84-82, благодарение на поените на Кори Хигинс во последната секунда од натпреварот.

Натпреварот започна со неизвесно темпо уште од самиот старт. Во високата реализација во првата четвртина подобро се снајде Барселона која по 10. минути игра поведе со 27-24. Каталонците продолжија со доброто напаѓачко темпо и до полувремето, ја зацврстија одбраната па разликата ја зголемија на +9 (51-42). Милано не се предаде, блесна во третата четвртина во која постигна 29 поени, а прими само 16 со што пред одлучувачката четвртина го превзема водството (67-71). Барселона ги консолидираше своите редови и набргу ја врати предноста, но до крајот на мечот се играше неизвесно, а истиот беше решен во последната секунда од мечот кога при транзиција Кори Хигинс погоди од полудистанца за победа на својот тим.

Проблем за каталонците во финалето и продолжението од сезоната ќе биде повредата на Ник Калатес во последната четвртина по која Гркот не се врати на паркетот.

Никола Миротиќ беше првото име кај каталонците со 21 поен и 6 скока, додека Калатес додаде 17 поени, 6 асистенции и 4 скока. Кевин Пантер беше првото име кај Италијанците со 23 поени, додека Мицов додаде 14 поени.

Се вчитува...