Евролига: Макаби без лек за Де Коло, Баерн го слави Лучиќ

ЦСКА Москва ја забележа и втората победа на стартот од новата евролигашка сезона откако рускиот гигант како гостин го совлада Макаби со 86-89. Израелскиот тим и без помошта на повредениот Парго одлично му парираше на фаворитот, но како клучна се покажа неможноста да се одигра квалитетна одбрана над Нандо де Коло, па Французинот со 27 поени ја предводеше својата екипа до победа.

Дарушафака триумфираше на дуелот со Будуќност со 71-63, меч во кој првакот на АБА-лигата до една минута до крајот имаше шанси за камбек, но избраниците на Џикиќ потклекнаа во самиот финиш. Црногорскиот состав има за што да жали бидејќи по првиот период имаше предност од 14-25 (шутираше 5/6 за тројка), но Будуќност потоа седум минути немаше ниту еден поен во втората четвртина.

Максимално неизвесно беше на дуелот меѓу Баерн и Панатинаикос, на кој баварскиот гигант славеше со 80-79. Владимир Лучиќ беше херојот на баварскиот гигант на овој дуел, постигнувајќи ги клучните поени во самиот финиш, а потоа на четири секунди до крајот крадејќи топка со која стави точка на натпреварот, на огромно задоволство на домашните навивачи.

Барселона продолжува со слабите игри од ланската сезона, па каталонскиот гигант и во вториот меч претрпе пораз. Овојпат Пешиќ и неговите избраници имаат за што да жалат бидејќи водеа речиси цел натпревар на гостувањето против Гран Канарија, но на крајот загубија со  87-86, со двете слободни фрлања на Хана на неполни четири секунди до крајот. Пангос го имаше шутот за победа, но не го реализираше, за нов неуспех на Барса по оној во првото коло во Москва против ЦСКА.

Се вчитува...