Евролига: Реал без одговор за „руската артилерија“

ЦСКА Москва како гостин успеа да слави против европскиот првак Реал Мадрид (88-93) во дерби-натпреварот од десеттото коло во Евролигата, со што рускиот гигант останува на чело на табелата во елитното европско кошаркарско натпреварување. Реал беше без помошта на Љуљ, и ЦСКА беше сериозно ослабена со неиграњето на Серхио Родригез, но фановите имаа можност да уживаат во беспрекорна офанзивна кошарка во која подобро се снајде гостинскиот тим.

ЦСКА фуриозно го отвори мечот со водство од 3-17, но домаќините експресно се вратија, па на одмор заминаа и со предност од 41-38. А потоа во вториот дел гостите од Москва заиграа извонредно во нападот, постигнувајќи 55 поени и заслужено радувајќи се на големата победа. Кори Хигинс беше човекот на одлука, со 24 поени, од кои 20 во второто полувреме, Клибурн постигна 18, а Де Коло 15 поени за ЦСКА, додека најдобри поединци кај Реал беа Кампацо со 23 и Руди Фернандез со 18 поени.

Дарушафака во дербито на дното на табелата загуби пред своите гледачи од Гран Канарија со 71-75. Турскиот тим имаше „плус десет“ на полувреме, но со слабо издание во вторите 20 минути им дозволи на гостите од Шпанија да направат целосен пресврт и да стигнат до третата евролигашка победа сезонава. Маркус Ериксон беше главен играч на Гран Канарија при денешната победа, погодувајќи пет тројки за вкупно 23 поени.

Макаби неочекувано лесно на домашен терен го преслуша Баерн Минхен со убедливи 95-71, додека Жалгирис прокнижи нови бодови на своето салдо со домашната победа над Милано од 83-78 благодарение на извонредниот Брендон Дејвис и неговиот дабл-дабл од 27 поени и 10 скокови.

Се вчитува...