Европа ќе добие нов фудбалски владетел – ПСЖ го елиминираше Баерн Минхен

Европа ќе добие нов фудбалски првак откако Баерн Минхен вечерва беше елиминиран во четвртфиналето од Лигата на Шампионите, и тоа од ланскиот финалист ПСЖ. Баерн славеше вечерва на „Паркот на принцовите“ со 0-1, што сепак беше недоволно да се стигне до полуфинале поради поразот од 2-3 минатата седмица во Минхен.

Баерн имаше повеќе од поседот на топката, но ПСЖ беше тимот што апсолутно доминираше на теренот. Нејмар беше играчот што се најде во фокусот на вниманието, откако Бразилец промаши четири одлични шанси, двапати погаѓајќи ја рамката од голот на Нојер. Неполна минута по неговиот втор дирек, Баерн стигна до водство преку Чупо Мотинг, кој се најде на вистинското место по една одбиена топка и ја смести во мрежата.

Во второто полувреме – слична слика на теренот, Баерн во офанзива да постигне и втор гол, оставјаќи зад себе голем простор за брзоногите напаѓачи на ПСЖ. Хернандез го одигра својот најдобар меч во дресот на Баерн неутрализирајќи ги Мбапе и Нејмар, но се беше попусто кога баварскиот гигант не успеа да постигне и втор гол, па беше елиминиран во четвртфиналето од елитното европско натпреварување.

Челси загуби со 0-1 на реваншот со Порто, но англискиот премиерлигаш благодарение на триумфот од 0-2 на првиот меч се пласираше во полуфиналето, каде ќе го очекува подобриот од двомечот Реал Мадрид – Ливерпул. Томас Тухел реши да ја брани предноста од првата средба, приоритет беше да се затворат приодите до голот на Менди, во што англискиот тим целосно успеа се до 90 минута. Порто првиот удар во рамките на голот на Менди го упати дури во 70. минута, а до победата стигна дури во 91. минута со прекрасниот погодок на Иранецот Тареми, кој дури во второто полувреме беше уфрлен во игра од тренерот Консеисао.

Се вчитува...