ЕВРОПА на хоризонтот: Работнички да го скокне Скопје, Шкупи преку Вардар, а Силекс чека нивен „кикс“

Последно коло, и важни пресметки за пласман во Лигата на Европа. Титулата е одамна осигурана за Шкендија, Вардар исто така е второпласиран, но прашањето е кои две екипи ќе му се придружат во квалификациите за Лигата на Европа. Во трката се уште се Работнички, Шкупи и Силекс. И тоа со „право на минување“ токму по тој редослед.

Работнички е во најдобра позиција, го очекува Скопје од третата позиција и со триумф ќе завери сигурен пласман во Лигата на Европа. На „романтичарите“ им одговара и да ремизираат, но и Шкупи да не триумфира против Силекс. Работнички би можел во Европа дури и со пораз, но тогаш ќе треба и Шкупи да загуби дома од Вардар, а и Силекс да не победи на гости против Академија Пандев. Во секој случај, тренерот Ѓоре Јовановски порачува:

„Сами си ја кроиме судбината. Последен меч, играме на домашен терен и максимално сме фокусирани. Нашата цел е јасна, и одиме да ја оствариме.“

Шкупи го пречекува Вардар на Чаир и со триумф, може најреално да стигне до четвртото место. Тогаш ќе го чека исходот на финалето на Купот меѓу Шкендија и Пелистер в среда, и доколку шампионот освои двојна круна, ќе се пласира во квалификациите за Лигата на Европа. Можат чаирчани да бидат и трети, доколку победат, а Работнички не успее да слави против Скопје.

„На крајот сме на првенството, и пред последното коло сме многу блиску до пласман во квалификациите на Лигата на Европа. Се надевам дека ќе успееме да ја реализираме нашата мисија. Ни гостува Вардар, и тоа навистина би била слатка победа. Веќе покажавме дека сме силен тим, со седум натпревари и без пораз, и денеска мораме да ја дозавршиме работата“, вели голманот на Шкупи, Суат Зендели.

Силекс е во најнезавидна позиција, затоа што зависи од резултатите на Работнички и на Шкупи. Кратовци ќе му гостуваат на тимот на Академија Пандев и мора да победат, па да се надеваат на евентуален пласман во квалификациите за Лигата на Европа. За да стигне Силекс до третото место, треба Работнички да загуби од Скопје дома, а Шкупи да не победи против Вардар на Чаир. За да биде четврти, исто така на Силекс му е потребен триумф, но и Шкупи да не го совлада Вардар. Тренерот Жикица Тасевски вели дека неговиот тим нема да се предаде се до самиот крај.

„Ќе играме до последниот момент чесно и храбро, и ќе се надеваме на пласман во квалификациите за Лигата на Европа. Ќе бидеме фокусирани на нашиот меч, а се надеваме дека ќе има чесни битки и на останатите стадиони во Првата лига“, истакнува Тасевски.

Сите натпревари од последното коло во Првата фудбалска лига почнуваат во 16.15 часот.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 36.КОЛО (16.15 Ч.)

ШКЕНДИЈА – ПЕЛИСТЕР

РАБОТНИЧКИ – СКОПЈЕ

ШКУПИ – ВАРДАР

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – СИЛЕКС 

ПОБЕДА – РЕНОВА

Табела: Шкендија 88, Вардар 56, Работнички 49, Шкупи 48, Силекс 47, Академија Пандев 42, Ренова 41, Скопје 35, Победа 35, Пелистер 34.

 

 

 

Се вчитува...