Европски бренд: Вардар е носител во ждрепката за ЛШ

Вардар се соочуваше со сериозни финансиски проблеми во последните две години, но изгради бренд и реноме, рамо до рамо со најголемите европски ракометни колективи. Токму затоа, „црвено-црните“ се најдоа во групата на носители во пресрет на ждрепката од групната фаза од Лигата на Шампионите, што ќе се одржи на 1 јули во Виена.

„Вардарци“ се наоѓаат во друштво на европскиот вицепрвак Веспрем, како и на гигантите ПСЖ и Барселона, како тимови кои ќе бидат најпривилегирани на претстојната ждрепка. Како што е добро познато, ЕХФ го промени системот на натпреварување во Лигата на Шампионите, каде 16-те тимови ќе бидат поделени во две групи од по осум. Така, од секој шешир ќе се извлекуваат по две екипи за секоја група, па Вардар може да добие за ривал само еден гигант од Веспрем, Барса и ПСЖ.

Согласно пропозициите при ждрепката, две екипи од иста земја не можат да се најдат во иста група, што значи дека доколку се падне со Веспрем, Вардар не би можел да игра со Пик Сегед, ако налета на ПСЖ тогаш ќе го избегне Нант (и обратно), но и дека за ривал во групата ќе има еден бундеслигашки тим, Кил или Фленсбург.

Двете најдобри екипи од секоја група директно ќе се пласираат во четвртфиналето, додека тимовите од трето до шесто место ќе разигруваат меѓу себе за преостанатите четири четвртфинални билети.

ШЕШИР 1: Вардар, Веспрем, Барселона, ПСЖ.

ШЕШИР 2: Кил, Киелце, Алборг, Порто.

ШЕШИР 3: Мешков Брест, Мотор, Нант, Пик Сегед.

ШЕШИР 4: Целје, Загреб, Елверум, Фленсбург.

Се вчитува...