Европскиот првак на „ремонт“: Петмина асови си одат од Баерн Минхен

Баерн Минхен во голем стил стигна до титулата во Лигата на Шампионите, со 11 победи на сите 11 одиграни средби во елитното европско натпреварување, но допрва следи потешкиот дел од задачата – да се остане на тронот на фудбалска Европа. Оваа задача ќе биде уште потешка ако се земе во предвид мини-ремонтот што се принудени да го направат челниците на Баерн во ситуација кога петмина фудбалери од овој шампионски тим ќе си заминат од „Алијанц Арена“.

Иван Перишиќ и Филипе Кутињо веќе од денеска си ги пакуваат куферите и си заминуваат од баварскиот гигант. Нивните позајмици се истечени, Перишиќ оди назад во Интер, Кутињо се враќа во Барселона, иако се најавува дека двајцата фудбалери наскоро ќе бидат испратени на нови позајмици бидејќи клубовите со кои се под договор не сметаат сериозно на нивните услуги.

Тијаго Алкантара го одигра својот последен меч во дресот на Баерн, тој веќе ги одби понудите за нов договор и инистира на трансфер во Ливерпул, но гигантот од „Енфилд“ се уште преговара со Баерн за висината на трансферот. Идентично како Тијаго, уште една година од актуелните договори имаат и Алаба и Хави Мартинез, двајца одбиваат да потпишат нови договори, а пораката од управата е јасна, во тој случај ќе мора да бидат продадени. За Мартинез се интересираат неколку клубови од Шпанија, додека во трката по Алаба веќе се вклучија Манчестер Сити, ПСЖ и Интер.

Јасно е, во ситуација на заминување на пет квалитетни фудбалери Баерн ќе мора да донесе соодветни замени. Засега новиот европски првак ги договори единствено Сане од Манчестер Сити и голманот Нубел од Шалке, но за битките за одбрана на тројната круна ќе бидат неопходни уште неколку нови имиња.

Се вчитува...