Европскиот шампион падна пред Кил, Вардар го одигра најлошото полувреме

Комплетно немоќни во првото полувреме и за нијанса подобри во второто, со вакво издание ракометарите на Вардар беа далеку од она што им беше неопходно за да бидат конкурентни во пресметката со германскиот Кил во дуелот од 4. коло во групната фаза од Лигата на шамионите. Со поразот од 20-31, Вардар му го препушта на Кил лидерското место на табелата, германскиот состав има седум бода, а Вардар останува на шест.

Во второто полувреме, Вардар се обидуваше барем малку да ја поднамали катастрофата преизвикана во првото полувреме, играше нешто подобро, беше поефикасен, но штетата беше направена пред полувремето и разликата беше ненадоместлива, особено што противникот беше и мотивиран и квалитетен. Црвено-црните успеаја да ја намалат негативата која на моменти беше и 13 гола, дојдоа до 18-23 во 49. минута, но Кил немаше намера да дозволи пораз во практично добиен натпревар уште во првото полувреме.

Инаку Вардар го одигра најлошото полувреме во последниве неколку сезони и губеше со високи 4-16 на полувремето. Европскиот првак едвај постигна четири гола, од нив два од пенал, Чупиќ погоди од линијата во 11 минута што беше првиот гол за црвено-црните на натпреварот. Гол од пенал постигна и Дибиров, а првиот гол од игра дури во 20. минута беше дело на Данаис Криштопанс. Потоа пред крајот на полувремето погоди и Шишкарев и тоа е се што направи Вардар во воведните 30 минути од средбата со Кил.

Дибиров со пет гола беше прв стрелец кај Вардар, Криштопанс постигна четири гола. Во следното коло, Вардар наредниот викенд му гостува на унгарскиот Веспрем.

Се вчитува...