Европскиот шампион Владимир Егоров: Моја цел е медал за Македонија на Олимписки игри (ФОТО)

Европскиот шампион Владимир Егоров денеска беше примен од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски по освоениот златен медал на ЕП.

Егоров се заблагодари на присутните за големата поддршка и истакна дека негова наредна цел се Олимписките игри.

„Моја цел и фокус секако се Олимписките игри на кои сакам да донесам олимписки медал за Македонија“ – рече Егоров.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, на прес-конференцијата во АМС нагласи дека е повеќе од задоволен од реализираниот успех на борачите на ЕП.

„Не се сомневавме дека овој спорт, овие деца, овие спортисти ќе не израдуваат со еден огромен успех затоа што знаеме дека во континуитет имаме добри резултати, одлични борби, одлични подготовки. Секако, Агенцијата за млади и спорт стои зад оваа федерација, дека секој нивен успех, натпревар и подготовка за големи натпревари се со огромна поддршка од наша страна и од страна на државата и се надевам дека оваа поддршка ќе продолжи на исто ниво“, рече Мојсовски.

Претседателот на Федерацијата за боречки спортови, Дејан Богданов, се заблагодари за поддршката дадена од директорот на Агенцијата за млади и спорт, како и на тимот кој учествуваше на Европското првенство, нагласувајќи ги успесите на Владимир Егоров, но и на Бесир Алили, кој го освои петтото место, како и на Вејсели и Дејан Митров.

„За да се направи еден ваков резултат мора да имаме навистина квалитетен тим. Ние покажавме дека Боречката Федерација во Македонија може да има квалитетен тим, го покажавме тоа на дело и мислам дека ако имаме сплотеност, ако имаме голема поддршка од Агенцијата и од директорот овие резултати почесто ќе се гледаат“, рече Богданов.

Се вчитува...