Европско деби на ТФТ: Собираме искуство, имаме шанса за победа над Сегдеак

Кошаркарите на ТФТ денеска ќе го имаат своето деби во европските натпреварувања, откако се пријавија да бидат дел од квалификациите за Еврокупот на ФИБА. Македонскиот претставник се најде во силна група што се игра во Русија, а во својот прв меч ТФТ ќе се сретне со Сегдеак од Унгарија.

Тренерот Боро Смилковски верува дека противникот е добро скаутиран, што ќе послужи како идеална подготовка за денешниот натпревар (14.30 часот).

„Се наоѓаме во мошне тешка група, можеби најтешка во квалификациите, со тимови од најдобрите европски лиги како домаќинот Енисеј, потоа Хапоел Хаифа и Бајројт кој ни е можен ривал во полуфиналето. Нашата шанса ја гледаме во првиот меч, против Сегдеак, квалитетен тим со одлична бековска линија, предводена од Парсонс и Кук. Ривалот е добро скаутиран и се надеваме на победа и пласман во полуфиналето. Очекуваме да одиграме барем два натпревара во Краснојарск, но одиме без никаков притисок. Основна цел ни е да ‘купиме’ ново искуство од натпреварите на европска сцена, нешто што сум сигурен дека позитивно ќе влијае на натамошниот дел од сезоната“- вели Смилковски пред европското деби на ТФТ.

Се вчитува...