Ф4 на ЛШ не може без Кире Лазаров

Кире Лазаров е редовен учесник на Лигата на шампионите, а македонскиот бомбардер и со новиот тим Нант успеа да стигне до фајналфор турнирот од елитното европско натпреварување.

По годините во кои беше дел од овој турнир со Атлетико Мадрид и Барселона, Лазаров продолжи во ист ритам и со францускиот прволигаш, откако денеска успеа да го елиминира Скјерн. Како пресуден се покажа првиот меч што Лазаров и соиграчите го добија со 33-27, за денешното реми од 27-27 да го потеврди историскиот успех на Нант, премиерниот настап на еден фајналфор од Лигата на шампионите.

Денешниот меч донесе две различни полувремиња, Нант целосно доминираше во првиот дел, во неколку наврати водеше со по пет гола разлика, но на одмор се замина со 12-15. Скјерн на самиот почеток од вториот дел направи голем пресврт, но гостите од Франција набрзина се консолидираа, не дозволија убедлива победа на домаќините и си го обезбедија местото меѓу најдобрите четири екипи во Европа.

Кире Лазаров постигна четири погодоци, а најефикасни кај Нант беа Гурбиндо со шест и Клајн со пет погодоци. Нант е вториот француски тим што обезбеди место на Ф4, по ПСЖ, а постои можност оваа земја да има и три екипи во Келн, доколку Монпелје во последниот дуел слави над Фленсбург.

Се вчитува...