Ф4 низ бројки – Вардар ја има највозрасната, Ѓер најмладата ракометарка

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Кристијан Димевски

Вардар е „ветеран“ со  вкупно пет настапи на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Будимпешта и единствена екипа што е присутна на сите пет изданија на завршниот турнир. Од досегашните четири настапи, македонскиот шампион има три „бронзи“ и едно „сребро“ од Будимпешта. Недостасува само „златото“, а вардарки се надеват дека во недела ќе ја комплетираат Ф4 колекцијата и со најсјајниот медал.

Вардарки во своите редови ја имаат и ветеранката на голот, Ина Суслина. Руската голманка со своите 39 години и четири месеци е највозрасната ракометарка на овој Ф4 турнир. Една година помлади од Суслина се Паула Унгуреану од ЧСМ Букурешт и Елена Сливинскаја од Ростов Дон.

Актуелниот европски шампион, Ѓер, пак во составот ја има најмладата ракометарка на ова петто издание на Ф4 турнирот во ЛШ. Бекот на Ѓер, Сара Афенталер има 17 години и е дури 21 година помлада од Суслина. Со неполни 18 години се уште две ракометарки на Ѓер, средниот бек Тамара Пал (17) и пикерот Емоке Варга (17). Меѓу најмлади учеснички пријавени на завршниот турнир е и 17-годишната голманка на Вардар, Јована Мицевска.

Највисоката ракометарка на Ф4 турнирот исто така е во тимот на Ѓер. Прва на листата на највисоки ракометарки е Ева Киш со 189 см. Три сантиметри пониски од Киш се Андреа Пенезиќ (Вардар), Лине Јоргенсен (ЧСМ Букурешт), Елена Сливинскаја (Ростов Дон), Катарина Булатовиќ (Ростов Дон) и Едуарда Аморим (Ѓер).

Најниска меѓу ракометарките што ќе истрчаат годинава во „Ласло Пап Арена“ со 162 см, е плејмејкерот на Ростов Дон, Ана Виахриева. Мали ама опасни се и Ченге Фодор (Ѓер), Анета Удристоиоиу (ЧСМ Букурешт) и Марина Судакова (Ростов Дон) кои имаат по 166 см.

Се вчитува...