Ф4 пак без Германци – Монпелје го декласираше Фленсбург

Три француски екипи се потенцијални ривали на Вардар во полуфиналето од Лигата на шампионите, откако Монпелје вечерва го декласираше Фленсбург со 29-17, за последниот билет од Ф4 турнирот што на 26 и 27 мај ќе се одржи во Келн. Германија втора година по ред ќе нема претставник на овој фајналфор, откако по Кил во четвртфиналето елиминиран беше и Фленсбург, сосема заслужено по очајното издание на гостувањето во Франција.

По големиот триумф над Барселона ракометарите на Монпелје одиграа фанастично во одбраната, голманот Жер повторно беше феноменален. Фленсбург тргна очајно, потоа се обиде и со напад „седум на шест“, за на крајот германскиот клуб да капитулира во четвртфиналето, исто како и лани кога беше елиминиран во Скопје од Вардар.

Мелвин Ричардсон со девет гола беше најефикасен кај победничкиот тим, Трухановичиус постигна седум од осум обиди, додека кај Фленсбург прв стрелец беше Ласе Сван со пет погодоци.

Само за потсетување, пред Монпелје билет за фајналфор турнирот обезбедија ПСЖ, Нант и Вардар.

Се вчитува...