Фабио Капело, нов тренер на „кинескиот Интер“

Трофејниот фудбалски стратег Фабио Капело ќе ја прекине својата пензија за нов предизвик – преселба во далечната Кина на клупата на Џиангсу. Овој клуб важи за „кинески Интер“ со оглед на фактот дека има исти газди како и „нероаѕурите“ од Милано, кои во последен момент го променија својот план, па наместо да потпишат договор со Пауло Соуса на клупата на Џиангсу го доведоа Капело.

Италијанскиот стручњак од вчера е во Кина, веќе го следеше и тренингот на Џиангсу, а во следните 48 часа би требало и официјално да потпише договор. Истиот ќе биде со важност од 18 месеци, период во кој Кинезите ќе му исплатат на Капело десет милиони евра.

Медиумите на Апенинскиот полуостров најавуваат дека „Дон Фабио“ со себе ќе земе двајца млади италијански тренери, Кристијан Броки и Џанлука Ѕамброта, да му бидат асистенти во стручниот штаб.

Џиангсу по првите дванаесет кола во кинеската Супер-лига освои само осум бода и се наоѓа на претпоследното место на табелата.

 

Се вчитува...