Фабио Капело за ЕКИПА: Македонија беше одлично тактички поставена за мечот во Палермо, фудбалерите покажаа огромна желба да се успее!

Триумфот на Македонија над актуелниот европски шампион во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство 2022 го привлече вниманието на спортска Европа.

Поголемиот дел од светските фудбалски аналитичари секако беа шокирани од резултатот, но добар дел од нив не и изненадени од македонскиот успех. Меѓу нив и едно од најголемите светски фудбалски имиња, легендарниот Фабио Капело, поранешен тренер на Милан, Јувентус, Реал Мадрид, Рома и селектор на Англија и Русија, кој по дуелот во Палермо издвои неколку минути за разговор со ЕКИПА анализирајќи ја македонската победа на „Ренцо Барбера“.

„Секако, расположен сум за разговор, но ако ги почитуваме и ковид-протоколите“ – низ смеа на почетокот кратко дофрли Капело, во еден здив потоа продолжувајќи:

„Веднаш сакам да кажам дека Македонија заслужено ја победи Италија и се пласираше во финалето од баражот за пласман на Мундијалот, иако јас лично не го очекував тоа. Мислам дека Италија воопшто не ја потцени Македонија, играше агресивно од првата минута, но едноставно беше тешко да се реализира планираното. Кај Македонија видов една одлично тактички поставена игра со одбрана како од учебник, и колку и да изгледаше дека Италија има целосна доминација сепак создаде само две-три посериозни шанси во текот на целиот натпревар, и тоа главно поради индивидуалните грешки во вашиот тим“.

Според еден од најголемите италијански стратези, клучот за успехот на Македонија лежи во тоа што поставениот систем на игра од страна на Благоја Милевски воопшто не се распаднал во текот на целиот меч, што придонело Италија да нема многу алтернативи во нападот.

„Очигледно замислата на вашиот селектор беше почесто украдени топки и транзиции кон напад, кои ги имаше во неколку наврати и во првото полувреме. Во второто полувреме, пак, Македонија покажа и физичка супериорност, мотив и огромна желба да се успее. Системот на игра кој го поставивте ниту еднаш не се измести во текот на целиот натпревар, тоа беше беспрекорна тактика на средината од терен каде целосно се разбиваа обидите на Италија да креира акција, и тоа придонесе главно пробивите кон голот на вашиот голман да бидат затворени па Италија беше принудена или со нафрлувања или со шутеви од далечина кои беа неуспешни. На крајот, ми се чини, пресуди и одлучноста кај вашите фудбалери“ – ни изјави Фабио Капело.

Се вчитува...