Фајнал-фор со многу „збогум“ во Будимпешта

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Кристијан Димевски

Годинашното издание на завршниот турнирот од Лигата на шампионите во Будимпешта, дефинитивно ќе биде „фајнал-фор“ со најмногу „фајнали“.

Во прв план, со најмногу „збогум“ е Вардар. Македонскиот шампион го бележи последниот настап во завршницата од Лигата на шампионите во овој состав, откако раководството на клубот во јануари годинава реши да го распушти ѕвездениот тим на крајот од сезоната. Вардар е единствен клуб што настапил на сите пет Ф4 турнири во Будимпешта откако е воведен овој формат во завршницата од ЛШ. Голем дел од ракометарките во актуелниот состав на Вардар ги имаат сите пет Ф4, но ова дефинитивно ќе биде последниот во „црвено-црниот“ дрес. Поголем дел од ракометарките летово се селат токму во клубовите од големата четворка

ЧСМ Букурешт од следната сезона ќе биде посилен со Андреа Лекиќ, Јованка Радичевиќ, Драгана Цвијиќ и Барбара Лазовиќ.

Ѓер на голот ќе ја добие Амандин Лејно, а Полина Кузњецова ќе го носи дресот на денешниот противник на вардарки во полуфиналето, Ростов Дон.

„Немаме избор, ова е последен пат на Вардар и ќе потрудиме да го направиме тоа што треба“ – ќе порача Андреа Лекиќ.

Но, проштални настапи во овие два дена во Будимпешта има и во другите учесници на Ф4 турнир.

Четворката од Вардар доаѓа, а од ЧСМ Букурешт на крајот на сезоната си заминува омилената ракометарка на навивачите на романскиот тим – Изабела Гулден. „Голден Гулден“ како што ја нарекуваат во Романија, од Букурешт се сели во Франција. Шведската репрезентативка која во 2016 година му донесе титула на ЧСМ Букурешт потпиша тригодишен договор со францускиот тим Брест Бретањ.

По шест сезони и три шампионски титули, од клупата на Ѓер си заминува тренерот Амброс Мартин. Од следната сезона Шпанецот што му донесе историски успех на Ѓер ќе го предводи рускиот Ростов Дон. Актуелниот европски шампион сезонава се соочува со многу проблеми со повредите кои значително влијаеја и на резултатите, но во финишот на сезоната Ѓер влегува силно мотовиран разделбата со Амброс Мартин да биде на победничкиот подиум со четврта титула и подвиг што не му успеал на ниеден друг тим ни во машка ни во женска конкуренција – обрана на шампионската титула.

„Ова се емотивни моменти, но одлуката беше донесена уште од претходно. Фокусиран сум само на тимот и на овие натпревари со Ѓер, не размиослувам за Ростов Дон и за тоа што ќе биде во следната сезона“ – вели Амброс Мартин.

Шпанскиот стратег на клупата на Ростов Дон ќе дојде на местото на Французинот Фредерик Бужан. Во тренерскиот рингишпил, Бужан откако со Ростов Дон обебзеди историски прв пласман на Ф4 во ЛШ, на крајот на сезоната ќе замине во Нант за да му го отстапи своето место на Мартин. Но, Бужан истакнува дека тоа не ја намалува мотовацијата пред завршницата во Лигата на шампионите. Напротив, Французинот е силно мотивиран во Будимпешта победнички да се збогува од рускиот шампион.

Се вчитува...