Фала му на Червар за се, Металург продолжува со Брестовац

Веќе нема никакви дилеми, Данило Брестовац е стратегот што ќе ја има одговорната улога да го предводи Металург во првата сезона во која актуелниот вицепрвак дефинитивно ќе биде без помошта на Лино Червар. Во изминатите месеци долго се шпекулираше околу тоа дали Червар ќе се врати назад во Автокоманда, а откако стана јасно дека тоа нема да се случи раководството на клубот реши да се раздели од Александар Јовиќ, а на негово место да го доведе Брестовац, актуелен предводник на младинската и на кадетската репрезентација на Македонија.

„На сите ни беше јасно дека ќе дојде ден кога Металург ќе влезе во „Пост-Червар“ фаза, денеска е тој ден. Сакаме да изразиме огромна благодарност до господинот Червар за се што направи за клубот во изминатите години. Тој повеќе не е со нас, продолжува во Загреб, а на нас е да продолжиме понатаму со квалитетна работа. Во тој правец е и нашата одлука за нов тренер да го ангажираме Данило Брестовац“ – истакна претседателот Зоран Цветановски.

Клупската стратегија останува иста, работа со млади ракометари и давање шанса на истите да се промовираат на сениорски план, не само во домашното првенство туку и во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата.

„Металург останува на истиот курс, оној по што е познат и во Македонија и пошироко, создавање на млади ракометари кои преку нашиот клуб се афирмираат и стануваат имиња. И за следната сезона имаме млади ракометари кои ќе ја добијат својата шанса, така што од тој поглед воопшто нема потреба да се грижиме за иднината“ – вели Цветановски.

Тој ја искористи и можноста да му се заблагодари на досегашниот тренер Александар Јовиќ, кој добро си ја заврши работата во периодот на неизвесност околу статусот на Лино Червар.

„Јовиќ му се најде на клубот во многу тешки моменти, Јовиќ многу помогна и ја изнесе таа тежина на свои плеќи, Јовиќ беше на разговор со управата и беше договорено соработката спогодбено да заврши“ – истакна претседателот на Металург.

И покрај најавите за промени во управата, Цветановски ќе продолжи да ја извршува улогата на претседател, а поранешниот капитен Ванчо Димовски останува спортски директор на Металург.

Се вчитува...