Фала, Вардар: Македонија е трета на клупската листа на ЕХФ

Вардар е двократен европски првак во последните три години од Лигата на шампионите, со што „црвено-црните“ придонесуваат нашиот клупски ракомет да продолжи да напредува на ранг-листите на ЕХФ.

Така, Македонија се наоѓа на третото место на најновиот ранкинг на европската куќа на ракометот, веднаш зад Франција и Германија како водечки клупски сили во овој спорт. Ваквото рангирање значи и дека Македонија ќе има четири учесници во новата сезона од европските натпреварувања.

Од 2020/21 ќе стартува новиот формат на Лигата на шампионите, во која ќе учествуваат 16 екипи, девет од нив ќе се пласираат преку пласманот во своите држави, а седум ќе бидат дел од ЛШ благодарение на вајлд-картите што ќе им бидат доделни од страна на куќата на ракометот. Благодарение на одличниот рејтинг на Македонија, шампионот на нашата земја ќе има загарантирано учество во елитното натпреварување за наредната сезона. Воедно, ќе дојде до промена во термините, па средбите од ЛШ ќе се играат во среда и четврток, а учесниците на фајналфор турнирот во Келн ќе поделат еден милион евра.

Покрај актуелниот првак во ЛШ, Македонија ќе има уште три места во европските купови, и тоа сите три во новоформираната Лига на Европа во ракомет, што ќе биде второрангирано натпреварување на местото на досегашниот ЕХФ Куп.

Се вчитува...