Фантастичен јубилеј на Гвардиола: Ова ми е најголем успех во кариерата

Манчестер Сити славеше со 2-1 над Вест Хем, дуел на кој Пеп Гвардиола прослави два фантастични јубилеи. Ова беше вкупно 200. триумф на каталонскиот стратег како предводник на Манчестер Сити и вкупно 500. победа во тренерската кариера на Гвардила во елитните лиги (како предводник на Барселона, Баерн Минхен и Сити).

Скромен како и секогаш, Гвардиола ги подели пофалбите со своите фудбалери, кои по тешка битка го совладаа Вест Хем.

„Сите видовте колку беше тешко, Вест Хем неслучајно се наоѓа на четвртото место на табелата. Стигнав до јубилејна победа, но тоа немаше да биде случај ако немав вакви врвни фудбалери на располагање. Имав чест и задоволство во сите клубови да работам со исклучителни играчи, што се одразува и врз моите резултати“, истакна Гвардиола

Ова беше 20. победа во низа на Манчестер Сити во сите натпреварувања, успех на кој Пеп е особено горд.

„Слободно можам да кажам дека ова ми е еден од најголемите успеси, ако не и најголемиот во кариерата. Секако, уште немаме освоено ништо, но да имате проблеми со повреди, со коронавирус, да играте на секои три дена и да победите 20 меча во низа. Тоа навистина е фантастично, нешто што ме прави горд“, вели Пеп Гвардиола.

Се вчитува...