Фантастично второ полувреме за победа на Куманово над Кожув

Во натпревар на две различни полувремиња, Куманово стигна до нов триумф во Првата лига откако славеше над Кожув со 88-73. Гостите доминираа на паркетот во првите дваесет минути, но „црвено-белите“ немаа одговор за играта на Куманово во продолжението од средбата во која „сино-белите“ постигнаа 50 поени, а дозволија само 24.

Кожув наметна висок ритам од самото отварање на натпреварот. Во првите десет минути шутот ги служеше „црвено-белите“ па избраниците на Николов стигнаа до предност од 33-22 на крајот на првата четвртина. Куманово успеа да ја преполови предноста на гостинот до полувремето, но „сино-белите“ повторно потфрлија, а грешките умешно ги користеше Кожув кој ја врати двоцифрента предност на полувремето (38-49). Гостите целосно потфрлија во второто полувреме, а падот во играта на гевгеличани го искорситија домашните кошаркари. Куманово од минута во минута ја намалуваше предноста на Кожув, а веќе до 30. минута стигна до предност од 63-59. Добриот моментум на избраниците на Ѓеорѓиевски продолжи до самиот крај на средбата, „сино-белите“ повторно одиграа одлично во нападот и одбраната па на крајот стигнаа и до убедлива победа.

Бранислав Џекиќ беше предводник на Куманово со 16 поени и 9 скока, додека него го следеше Горјан Марковски со 15 поени. Кај гостите 22 поени и 4 скока забележа Никола Силаџи, додека 21 поен додаде Скот.

 

Се вчитува...