Фантомски гол за Шкендија на дербито, Работнички го освои Тетово

Актуелниот првак Шкендија со гол кој предизвика многу сомнежи, но и бурни реакции од противникот, го совлада Вардар со 0-2 во дербито на десеттото коло од Првата фудбалска лига, што се одигра на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари. Во последните моментите од првиот дел, Изаир Емини шутираше со глава, Гачевски одбрани, топката се тркалаше околу гол – линијата, и неизвесно е дали со цел обем беше во голот.

Но, судијата Марјан Маркоски го призна голот, по што „вардарци“ жестоко протестираа. Вториот погодок беше дело на Бесарт Ибраими во 90.минута од мечот. Тоа е прв пораз за Вардар во шампионатот.

Трите бода заминаа за Тетово, а според прикажаната игра, може да се каже и заслужено. Шкендија имаше повеќе шанси, но првиот погодок останува под превезот на сомнежот.

Работнички со новиот тренер Жикица Тасевски ја прекина серијата слаби резултати и оствари триумф (0-2) над Ренова во Тетово. Тасевски имаше поуспешно деби од Никола Илиевски Џиџи, кој првпат беше на клупата на „гипсарите“. Стрелец на водечкиот гол беше Остоја Стјепановиќ од пенал во 26.минута, откако Петар Петковски беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник.

Во 77.минута, стрелецот Стјепановиќ заработи црвен картон поради груб старт на средината на теренот. Во завршницата, Башким Велија имаше одлична шанса за израмнување, но голманот Божиновски успеа да одбрани. Во последните моменти, Душан Стевиќ постигна втор погодок, по акцијата на Петар Петковски и на Оливер Пеев, кој мајсторски со петица ја врати топката до стрелецот.

Шкупи го совлада Силекс со 2-0. Тимот од Чаир ја искористи доминацијата на почетокот на вториот дел. Серџо јуниор во 50.минута го отвори резултатот, а седум минути подоцна погоди и Кристијан Стојкоски.

Македонија ЃП продолжува со одлични резултати, денеска на стадионот во Ѓорче Петров славеше против Академија Пандев со 1-0. Стрелец на победничкиот гол за „лавовите“ беше Христијан Кировски во 55.минута од средбата. Во 87.минута, „пандевци“ останаа со играч помалку поради исклучувањето на Давид Атанаскоски.

Беласица на стадионот „Младост“ славеше против Победа со 2-1. Зоран Балдовалиев донесе предност за домаќинот, Филип Ивановски во 50.минута зголеми на 2-0, а Кириан Чиназорм во финишот постигна почесен погодок за прилепскиот прволигаш.

ПРВА ЛИГА.10. КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ВАРДАР – ШКЕНДИЈА 0-2

РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ 0-2

ШКУПИ – СИЛЕКС 2-0

МАКЕДОНИЈА ЃП – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-0

БЕЛАСИЦА – ПОБЕДА 2-1

Табела: Вардар 23, Шкендија 19, Академија Пандев 16, Работнички 14, Македонија ЃП 13, Беласица 13, Ренова 11, Победа 11, Шкупи 9, Силекс 7.

Се вчитува...