Фатаморгана за Барса – Чудо вардарово за ново финале

ЕКИПА во Келн,

Катерина Павлова Николовска

Вардар повторно ќе игра финале во Лигата на шампионите откако „црвено-црните“ со феноменалното второ полувреме успеа да стигне до целосен пресврт во пресметката со Барселона (29-27). „Вардарци“ бркаа седум гола негатива по првото полувреме, но неверојатната одбрана во последните петнаесет минути донесоа неверојатен пресврт и победа која ќе се памети со години и генерации.

Барселона уште од првата минута покажа многу поголема течност во играта во напад, но Милосављев со неколку извонредни интервенции не му дозволи на каталонскиот гигант од самиот почеток да се одлепи. Резултатот беше израмнет до 4-4, а потоа по исклучувањата на Калараш и на Скубе каталонскиот состав поведе со 7-4, благодарение на одличниот Абелјо Гомез, кој за неполни десет минути веќе постигна четири погодоци.

 И повторно Милосављев одбрани два зицери  (во 15. Минута стигна до седум одбрани), па со головите на Криштопанс и Карачиќ „црвено-црните“ намалија на 7-6.   Сепак, проблемите за Вардар се зголемија откако во ритам влезе и Гонзало Перез де Варгас, па Барса поведе со „плус четири“ (12-8). Парондо побара тајмаут, но „вардарци“ се уште се мачеа да го најдат патот до мрежата на противникот, Дибиров промаши зицер, а Барса зголеми и на уште поубедливи 14-8. Долгиот „пост“ без постигнат погодок го прекина Карачиќ со гол за 14-9, Милосављев блесна со нова двојна интервенција, но Барселона со два гола од контранапад на одмор замина со убедливи 16-9.

Парондо во второто полувреме се реши за „седум на шест“, во обид „црвено-црните“ конечно да се разбудат. Сепак, грешките продолжија и во овој дел од мечот, Шишкарев промаши зицер од контранапад, а Чупиќ фрли топка во аут, па Барса во 35. Минута рутински ја одржуваше предноста (18-11). Конечно, два гола во низа врза и Криштопанс, кој намали на 22-17, изнудувајќи и исклучување од Палмарсон. Без дилеми, „црвено-црните“ покажаа многу повеќе карактер, ја намалија предноста на четири гола (25-21), по што Чави Пасквал побара тајмаут.

А по минутата одмор Милосављев за триесетина секунди забележа две интрвенции, по што Криштопанс со проектил намали на 25-22. „Црвено-црните“ имаа напад при 26-23, но почетнички ја загубија топката, а на спротивната страна Абелјо промаши пенал. Криштопанс целосно ја презеде одговорноста, изнудувајќи пенал и исклучување по што Чупиќ од седум метри погоди за 26-24, за потоа летонскиот „џин„ со нов проектил да намали на само еден гол ралика (26-25), на пет минути до крајот.

Тотална еуфорија завладеа во 57. минута, кога Мораеш погоди од пивот и израмни на 26-26. Милосављев го запре обидот на Дуарте, а на спротивната страна Дуарте доби црвен картон за старт врз Криштопанс. И кога требаше најмногу, Карачиќ даде гол, а на спротивната страна Барса почетнички ја загуби топката. Карачиќ при голот заработи повреда, па во следниот напад Криштопанс стави печат на победата со нов погодок (28-26). Конечните 29-27 ги постави капитенот Стоилов, за огромна радост на „црвено-црните“ во „Ланксес арена“ во Келн.

Се вчитува...