Федерер и Ѓоковиќ во Чикаго ќе бидат „тимски колеги“

Во текот на сезоната се големи ривали, но во наредните неколку дена Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ ќе бидат од иста страна на мрежата. Тенискиот крем деновиве е собран во Чикаго за настап на второто издание на „Лејвер Куп“ што ќе се одржи од 21. до 23. септември.

„Лејвер Куп“ е неформално екипно натпреварување во тенис кое лани го покрена Роџер Федерер заедно со легендарниот Род Лејвер.  По воведното издание во Прага, сезонава „Лејвер Куп“ ќе се одржи во Чикаго.

Силите ќе ги одмерат „тимот на Европа“ и „тимот на светот“ кои ги предводат Џон Мекинро и Бјорн Борг. За „Европа“ ќе играат Роџер Федерер, Александар Зверев, Новак Ѓоковиќ, Григор Димитров, Давид Гофин и Кајл Едмунд.

Тимот на светот го сочинуваат Џон Иснер, Џак Сок, Франсис Тиафу, Ник Кирјос, Кевин Андерсон и Диего Шварцман.

„На „Лејвер Куп“ ние сме тим. Тоа е возбудливо и нешто на што не сме навикнати“ – изјави Роџер Федерер.

Швајцарецот во шега призна дека е задоволен од тоа што во Чикаго нема да игра против Ѓоковиќ, туку заедно со него.

Кога не можеш да го победиш, подобро е да му се придружиш“ – се пошегува Федерер.

Ѓоковиќ лани не настапи на првото издание во Прага, а годинава за прв пат ќе биде дел од овој собир.

„Овој настан е единствен на многу начини. Постои одличен тимски дух на „Лејвер Куп“.  Ова е нешто што ни недостасува кога сме на терен. Ми се допаѓа овој концепт. Гледаш многу играчи кои се големи ривали, а сега се на иста страна од теренот и се бодрад еден со друг“ – истакнува Новак Ѓоковиќ.

Се вчитува...